Дентални импланти обработени со Laser-lok технологија – нов стандард во имплантологијата

Денталните импланти станаа многу популарен и успешен метод со кој се враќа функцијата и естетиката после губење на забите. Успехот се заснова на нивната способност да се интегрираат во коската и меките ткива, иако сè уште тој не изнесува 100%.

На почетокот, денталните импланти се изработувале со мазна површина, но подоцна се пристапило кон нејзина механичка обработка, со цел подобро осеоинтегрирање на имплантот, т.е. подобро поврзување со коскеното ткиво. Обработката ја зголемува површината неколкукратно, со што се овозможува многу поефикасна атхезија на клетки, фибрински матрикс, екстраклеточни матрикс компоненти, како и постабилна механичка врска, споредено со мазните површини.

Користејќи ги технолошките придобивки на модерното време, обработката на површината на имплантите постојано се усовршувала, па така, денес, врвен метод на ваква обработка претставува Laser-Lok технологијата.

Со оваа софистицирана технологија, преку ласерска аблација, на површината на имплантот се прават микроканали со големина од 8 до 12 микрони, што всушност ја претставува големината на клетките. Овие високо-конзистентни микроканали се оптимални за припојување и организација на остеобласти и фибробласти, клетки кои се одговорни за создавање коска и сврзно ткиво. Претходните методи на обработка (хемиски и механички) создаваа одредени нерамнини и канали на површината, но нивната големина и распоред сепак не беа целосно оптимизирани и контролирани.

Постојат голем број лабораториски и клинички истражувања кои ја проучувале оваа проблематика. Микроскопските испитувања покажале значително подобра врска меѓу имплантот и околната коска кога тој е обработен со Laser-lok технологијата, споредено со мазните импланти или оние обработени со други методи. Ова е поддржано и со клинички испитувања, кои покажуваат поголем период на успех на имплантите чија површина е обработена на ваков начин. Тоа се објаснува со поголемата стабилност и цврстата врска која започнува да се формира веднаш после поставувањето на имплантот во коската.

Еден од најголемите проблеми кои се јавуваат при терапијата со импланти е периимплантитисот, што претставува воспаление на ткивата околу имплантот, а тоа резултира и со губиток на коска. Постои и т.н. физиолошко губење на коска, кое се смета за нормален процес и истото е прифатливо, но треба да се предвиди пред спроведување на терапијата. Проблемот со периимплантитисот, меѓу другото, настанува и поради непостоење на соодветна заштитна бариера помеѓу имплантната површина и оралната празнина.

Со цел надминување на овој проблем, Laser-lok технологијата е примената и на површината на абатментот, т.е. делот кој се надоврзува на имплантот и врз кој се поставува идната протетичка конструкција. Со тоа се овозможуваат идеални услови за формирање сврзно-ткивна бариера, т.е. припојување и раст на соодветни сврзни клетки и ткиво, кое нема да овозможи директен контакт меѓу коската и оралната средина, т.е. бактериите, а со тоа и се намалува можноста за појава на воспаление и губиток на коска. Истражувањата покажале дека губитокот на коска кај поставените импланти кои се обработени со Laser-lok технологија е трипати помал, споредено со имплантите обработени со други методи. Значајно помал е и процентот на периимплантитис кај имплантите чии абатменти се обработени со Laser-lok.

Laser-lok технологијата, базирана на концептите на регенеративната медицина, овозможува поинакво ниво на клеточно однесување и организирање. Со тоа се менува и парадигмата за имплантната површина, а соодветните и релевантните научни истражувања покажаа дека клеточниот и ткивниот одговор сепак може да биде контролиран и попредвидлив, со што се зголемува и процентот на успех на имплантната терапија.

АВТОР: др Филип Конески.